April 13, 2024

Денеска православните верници го слават празиникот во народот познат како Прочка.
Овој ден е голем празник за христијаните бидејќи ја претставува искрената волја за срдечно простување меѓу луѓето. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.

Прочка е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на празникот се менува во зависност од датата на Велигден и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.

Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Со Прочка завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.

Празникот Прочка секогаш се паѓа во недела. Не го менува денот, но датумот го менува. Затоа се смета за подвижен празник, односно празник со непостојан датум. Прочка е поврзана со Велигден, па кога ќе се празнува Прочка, зависи од тоа кога ќе се празнува Велигден. Седмата недела по Прочка се слави Велигден.

Зборот „прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштава. За Прочка се смета дека е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.
Прочка го означува почетокот на велигденскиот пост. Таа е потсетник на духовниот карактер на постот. Целта на празникот е со проштавањето, со покајанието и со чиста душа да се започне велигденскиот пост.

Семејна традиција со амкање јајца.
Теологот Ратомир Грозданоски, професор на Теолошкиот факултет во Скопје, на својата веб-страница пишува дека македонската традиција за Прочка е богата и разновидна.

На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот – вели Грозданоски.
За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца.

Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден – објаснува теологот.

Другите обичаи, пак, се проследени со забави по повод Прочка, кои претставуваат јавен настап и посебни претстави (маски и карневали). Тоа се пагански остатоци од претхристијанското време, со некои нови примеси за забава.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *