February 22, 2024

Покрај јаболката, грозјето, дуњата во есен, актуелно е и јапонското јаболко.
Кај нас јапонското јаболко најмногу се одгледува во Валандово. Тогаш е подигнат и првиот насад од садниците што од патувањето во Кина ги донел Лазар Колишевски.

Поради неговата жолта боја и сознанието дека првите калеми се донесени од Далечниот Исток, народот го нарекол јапонско јаболко.
Првите засадени јаболка биле во дворот на некогашното средно земјоделско училиште „Каме Пулизов“.

Некаде до 1965 година секое семејство во Валандово го сади јапонското јаболко, пред се, како декоративно растение, бидејќи има прекрасни цветови, широка крошна со темнозелени листови и не треба многу труд во поглед на одгледувањето. Потребна му е само вода за да даде и до 200 килограми јаболка од едно стебло. Оттогаш па до денес обилниот род, кој се бере во почетокот на ноември го чувале заедно со калинките како зимски резервоар на витамини.

Некаде кон крајот на минатиот век интересот за јапонските јаболка од Валандово се зголемува. Почнуваат да доаѓаат трговци кои го купуваат и го носат на пазарите надвор од Македонија. По хаваријата на нуклеарната центарала во Чернобил, големи количини јапонски јаболка биле откупени од украинските трговци, бидејќи во него има големи количини селен, кој е познат како силен антиоксиданс. Тоа било најголемата причина за омасовување на производството.

По првиот голем бран побарување на валандовското јапонско јаболко, насадите се повеќе се зголемуваат, а годишното производство изнесува околу 15.000 тони. Иако ова производство во споредба со она во Шпанија, Израел и Италија е минорно, сепак, интересот за валандовската храна на боговите расте од година на година. Причина за тоа е што земјоделците од овој регион воопшто не употребуваат пестициди при заштитата на насадите од јапонско јаболко, бидејќи тоа се уште нема природни непријатели.
Во Германија се применува во козметиката..

Ова овошје, кај Грците познато како „овошје на боговите”, расте на дрво и се вбројува во дел од сортата Diospyros од фамилијата црни дрва, наречени Ebenaceae. Јапонското јаболко првпат почнало да се одгледува во Кина и се одгледува со векови.
Многу години подоцна се шири во Кореја и Јапонија. Плодот на јапонското дрво т.н. јапонско јаболко има светложолто -портокалова боја или темножолто-црвена боја, во зависност од сортата и тркалезна форма што потсетува на домат. Јапонското јаболко обично се јаде со лажичка. Ова овошје содржи високо количество гликоза и одреден степен протеини. Исто така содржи витамин Ц и витамин Б2, а наоѓа широка примена во медицината и во хемиската индустрија.

Познато е по својата специјалност во одгледувањето, тоа е многу слатко овошје со не толку остар мирис. Исто така, познато е и под името корејско манго. Кина е најголем одгледувач на овој вид јаболка, потоа Бразил, а по него Кореја и Јапонија.

Во САД, најмногу се одгледува во Калифорнија. Постојат два вида јапонски јаболка: Тhe Fuyu, вид што можете веднаш да го консумирате и Тhe Hachiya, вид што не можете веднаш да го консумирате, бидејќи ако изедете едно од овој вид јапонско јаболко, исто како да сте испиле 6 шолји од најјакиот чај. Во Германија, наоѓа широка примена во козметиката, се употребува за пилинг на лице, кој чини повеќе од 70 евра на еден третман.

Во Европа е познато како „каки“, во земјите од англосаксонското подрачје како „персимон“, Бугарите го нарекуваат „рајско јаболко“, а латинското име кое го знае науката е „диоспирос“. Во превод тоа значи храна на боговите, а токму по својот состав јапонското јаболко е навистина храна на боговите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *