July 17, 2024

Дваесет и четиригодишниот Мехмед од пехчевското село Црник е еден од ретките луѓе во нашата држава што се занимава со соколарство. За оваа негова пасија, упатените веќе добро се запознаени од неговите видеа кои редовно ги споделува на социјалните мрежи.

Мехмед моментално одгледува јастреби од две различни сорти и за нив вели дека, иако се грабливци, се од голема важност за човекот и природата.

Чувам два јастреби од сортата глувчари и еден јастреб од сортата кокошкар. Малите глувчари ги чувам од бебиња, дојде време кога требаше едното да го пуштам и по 10 дена тоа се врати дома, вели тој.

За себе Мехмед вели дека е дете на природата, а за јастребите дознал преку видео кое му го пратил негов другар, по што почнал да истражува за нив и дознал дека постои соколарство и почнал да учи за соколарството.

Јастребите се птици грабливки и можат да нанесат сериозни повреди ако немаш соодветна опрема. Сите птици грабливки се заштитени со закон и се забранети за убивање и заробеништво, ако за птицата немате документи и не е одгледана во фарма, нагласува младиот жител на Црник.

Мехмед јастребите ги храни со пилци, петли и глувци, кои сам ги набавува.
Кога не сум дома, мора да има некој да ги нахрани навреме за да не умрат. За одгледување е потребна доста голема волја, но и голема хигиена, додава младиот соколар.

Не го повредиле никогаш, но додава дека јастребот има карактер на грабливец и никогаш не може да биде домашен миленик.

Таква им е природата на јастребите. За да се земе јастреб, треба да се учи за соколарство и птиците се доста скапи со документи и доста голем процес е тоа. Сериозно треба да се земе предвид дека тоа не е шега. Исто така и дресирањето не е едноставно, потребно е време, посочува Оџов.

Оџов истакнува дека јастребите не се плашат од луѓето, но тие ги убиваат без да им прават штета. Човекот е најголем непријател за нив, а моја препорака до сите ваши читатели е никогаш да не убиваат птица грабливка, макар убила кокошка или гулаб. Додава дека тие се многу значајни за нас и природата.

Лично не правел пресметка колку го чини одгледувањето на овие птици, но вели дека средствата ниту се многу, ниту малку.

Според мене, соколарството е начин на живот, тоа е традиција која бара многу време, тука е одгледување на птицата, тренингот, ловот и поврзаноста со птицата. Според некои, тоа е хоби, според некои, тоа е начин на живот и не е толку едноставно да се објасни, бидејќи и јас сум почетник, вели Мехмед.

Тој е постојано со птиците, неговите најблиски се навикнале на оваа негова пасија, немаат ништо против тоа, туку напротив, му помагаат кога треба да се исчисти или за каква било друга помош.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *