
Во близина на Дебар се наоѓа кристалната пештера, со каква во светов, освен Македонија може да се пофали само Мескико, пишува во објавата на страницата на Фејсбук на „Денес над Македонија се раѓа“.




На прв поглед рудниците изгледаат здодевно, сепак рудникот на Кнауф има нова димензија благодарение на Кристалната пештера.




Градот Дебар, како еден од ретките градови со наоѓалишта на гипс во нашата држава, го нуди ова место кое располага со убаво развиени и впечатливи кристали.




Причина за формирање на чистите и цврсти кристали се изворските термални води, кои истовремено се и причина за остриот мирис на сулфурот.




Повеќе илјадници години биле потребни да се формираат огромните кристални сводови и столбови кои ја истакнуваат убавината на ова место. Кристалната пештера има постојана температура од 17 степени и воздухот внатре е секогаш влажен.




Рудникот се наоѓа во Близина на Дебар на 90 до 200 метри под површината каде што има гипс од трите типа албастер,
анхидрит и кристалот селенит, кој е најредок со чистина од 99 проценти. Селенитот со таква чистина го има само на две места во светот, во Македонија и во Мексико.




Рудникот на Кнауф, како што стои во објавата, има три ката меѓу кои има плочи дебели меѓу 5 и 6 метри.




На секои десетина метри во рудникот има огромен ходник кој води лево или десно од минијатурната пруга по која рударите ги туркаат количките полни со кристалот.
Подот е испресечен со минијатурни поточиња од термалната вода, која иако мириса на сулфур има лековито влијание.